Граѓанското здружение „За наше Кочани“ се претстави пред граѓаните на Кочани

На јавна трибина вечерва во Кочани официјално беше претставено здружението на граѓани „За наше Кочани“, како иницијатива на граѓани која  првенствено ќе има за цел преку граѓанско здружување да делува на решавање на локални проблеми во заедницата.

Граѓанското здружение во Кочани се формира по пример на кумановското здружение „За наше Куманово“ и е петто по ред што се отвора во Македонија, покрај Прилеп, Крушево, Куманово и Тетово.

– Целите на здружението се прецизни и јасни, да привлечеме што е можно повеќе граѓани кои сакаат Македонија да ја видат во една силна економија, просперитетна младина и да кажат стоп на корупцијата. Цел и идеја е да овозможиме пријатна атмосфера и подобри услови за живот на граѓаните во Македонија и што е најбитно во моментот да го сочуваме идентитетот на државата и народот. Активностите на здружението „За наше Кочани“ ќе биде координирани со  активностите на здруженија на граѓани формирани во другите градови, истана Владимир Данилов, претседател на ЗГ „За наше Кочани“.

На отворањето на здружението на граѓани „За наше Кочани“ присуствуваше и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој даде јасна поддршка  на новоформираното граѓанско здружение во Кочани.

– Силно ја поддржувам иницијативата и дојден сум вечерва во Кочани да споделам мои и наши искуства од Куманово пред граѓаните на Кочани. Целта на здружението е првенствено да работи во интерес на граѓаните и унапредување на нивните права. Во блиска иднина планирано е сиите граѓански здруженија формирани во државата  да се обединат во граѓанско движење со политички предзнак и на следните редовни или предвремени параментарни избори да настапиме и да понудиме реални политики на граѓаните, истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: