Колони возила чекаат ред пред бензинските пумпи во Кочани за да наточат гориво, откако во јавноста се прошири непотврдена информација дека се очекува недостиг на горива и енормно зголемување на цените на нафтата и дериватите во земјава.

На бензинските пумпи во градот, возачите чекаат по повеќе од 15-тина минути да наточат литар повеќе и стравуваат за недостиг на горива и ценовен шок по зголемувањето на нафтата на светските берзи. Бензинските пумпи се претесни да го соберат напливот на возила па колоните автомобили излегуваат и на улиците пред влезот на бензинските пумпи во градот.

Од компанијата „Макпетрол“ ги известија потрошувачите дека нема рестрикции и прекин во снабдувањето на гориво на бензинските пумпи на оваа компанија и покрај фактот дека во овој момент „Макпетрол“ работи со загуба. Компанијата апелира до потрошувачите да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини за да не ја загрозат општата безбедност на граѓаните. Во текот на денот на бензинските пумпи на „Макпетрол“ има редици колони автомобили кои сакаат да наточат гориво поради информации за зголемување на цената на горивото, соопштија од „Макпетрол“

Цените на горивата во Македонија веќе 14-та недела бележат зголемување. При последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика која стапи на сила од вторникот на полноќ, цени на бензинот и дизелот се зголемија за по 1,5 денари по литар. Со новата цена од 86 денари за литар, бензинот од 98 октани ја достигна највисоката цена досега, а исто и дизел горивото со цена од 75,5 денари по литар.
Одлука за нови цени на горивата Регулатроната комисија за енергетика ќе ја соопшти в понеделник, а до тогаш важат актуелните цени на нафтата и нафтените деривати.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов

