ГФК „Осогово“ ги започна подготовките во пресрет на пролетниот дел од првенството во ВМФЛ

На стадионот „Никола Мантов“ во Кочани фудбалерите на ГФК „Осогово“ ги започнаа подготовките во пресрет на пролетниот дел од првенството во Втората Македонска фудбалска лига.

Предводени од новата управа, шефот на стручниот штаб, Крсте Крстев, претседателот Ненад Ефтимов и помошниците Љупчо Симоски и Јоже Јованов пред медиумите ја презентираа стратегијата на клубот во пресрет на почетокот на втората половина од сезоната.

Примарна цел ќе биде стабилизација на клубот, нови играчи во преодниот рок со цел опстанок во второлигашката конкуренција.

Крсте Крстев го образложи планот на подготовките  и истакна дека иако клубот на табелата е во незавидна положба и бодовното салдо е само осум бодови, тој е сепак оптимист и дека со квалитетно организирани подготовки и ангажман на квалитетни засилувања на крајот ќе се дојде до посакуваната цел, а тоа е обезбедување на опстанок во лигата. Подготовките ќе се одвиваат во Кочани каде најпрвин ќе се работи на физичка подготовка на играчите а потоа и одигрување на неколку подготвителни натпревари.

Договорени се шест подготвителни натпревари, со„ Детонит Плачковица“, „Брегалница“ – Штип, „Башкими“  Куманово, две средби со „Каменица Саса“ и со „Слога 1934“ во Виница.

Досега тимот се засили со три нови играчи: Грегори Давков (Брегалница – Штип), Дамјан Стојковски (Вардар – Неготино) и Кристијан Костовски кој досега има настапувано во неколку прволигаши.

Во завршна фаза се преговорите со  уште двајца играчи кои до вторник треба да се изјаснат за нивните планови. Ростерот на екипата ќе биде зголемен и со ангажманот на млади играчи исклучиво од сопствениот младински погон.

Сподели: