33- годишниот Далибор Стојанов – Боце од Кочани беше најсреќниот и успеа прв да го извади Светиот крст од студените води на Кочанска река, по повод празникот Богојавление – Водици.
На традиционалната верска манифестација, Стојанов беше најбрз од 29-те пријавени момчиња кои оваа година скокнаа по крстот. За Стојанов ова е втора среќа, а по Светиот крст скока од 2008 година.
– Четиринаесет години скокам по Светиот крст и ова ми е втора среќа како крстот е во мои раце. Претходно го фатив во 2016 и еве сега по шест години повторно. Нека Светиот крст донесе многу здравје, радост и благосостојба во домовите на сите христијани. Бог се јави, за многу години Водици христијани, изјави Далибор Стојанов.
Храмот „Св. Вмч Георгиј“ го даруваше Стојанов со Библија, традиционално, градоначалникот Љупчо Папазов во името на граѓаните на Кочани му подари златник, а компанијата „Зегин“ машина за перење.
Чинот на осветување на водите на Кочанска река и потопување на Светиот крст го изврши Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужителство на свештеници од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ – Кочани. Претходно, во кочанскиот црковен храм се одржа Света Божествена литургија и традиционална лицитација на икони од страна на верниците.
Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно – верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на Кочанска Река присуствуваа голем број верници.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов
Видео со клик ОВДЕ.