Дарко Стојчов: Уметноста е РАБОТА, за било каква уметност да станува збор

Забрана за настапи на музичари.

Еве вака. Активно се занимавам со музика од мојата 13 годишна возраст. Прво изучував гитара, потоа средно музичко училиште во Штип. Активно настапувам во локали низ Македонија цели 6 години, со бенд и како соло акустичен изведувач.

Во меѓувреме член на Ф.А. Китка, Истибања (изведувач на Тамбура) со многубројни настапи низ Европа, со ДМУЦ “Сергеј Михајлов”, Штип настапи низ Македонија како и 4 турнеи надвор од државата исто како изведувач на Тамбура, како и награди безброј. Активен учесник на многу проекти во Кочани (ДАФ, Денови на оризот, Бела Ноќ) веќе неколку години наназад, како и безброј хуманитарни концерти на кои што никогаш немам кажано не. Сето тоа го правев претставувајќи ја Македонија во најдобро светло како кај нас така и во светот, како и за да допринесам барем малку во расположението на секој човек што ме има слушано на настап.

Милион проблеми, откажани настапи, расипана опрема, ладно време, жешко време, но сепак продолжуваме да твориме и да го работиме тоа што го сакаме бидејќи го правиме од љубов.

Во меѓувреме извадив две мои песни кои се достапни на сите музички платформи во светот и спремам цел албум за Македонски пазар (како и во светот), се финансирано од моја страна. Се беше добро додека не завладеа пандемијата во цел свет, али мислам дека кај нас зема најголем замав.

Парализиран цели 6 месеци без никаков приход, без дозвола за настап, без никакви субвенции од државата (додека одберен круг на музичари “македонска естрада”) добија помош од државата во периодот.

Сега им се забранува настап на деца/луѓе кои што издржуваат фамилии и свирењето им е единствен приход во животот, оставени така да се снаоѓаат сами како знаат без да го работат тоа што го прават најдобро. Не ми е поентата зошто не сум добил субвенции или помош (иако мислам дека требаше), али запоставувањето на луѓе кои што ја шират културата и ја претставуваат државата на глобално ниво не е во ред.

Уметноста е РАБОТА, за било каква уметност да станува збор. Ќе помине и периодов, се надевам и пандемијава во најбрз можен рок, али ќе ги изгубите луѓето кои што шират позитива, не штетат никому и гледаат да допринесат барем малку со тоа што го прават најдобро! Тие ќе се снајдат, уметници се и се навикнати цел живот сами да тераат и сами да ги надминуваат проблемите и пречките, но губите еден важен дел од алката наречена култура или уметност, воздигнувајќи ги “гранд естрада” кои што си ги одржуваат кариерите кај нас.

Еве јас веќе заминав. А верувајте ќе има кој да слушне, кој да ги почитува и да го вреднува она што го создаваат. Само нема да е во границите на Македонија.

Секое добро, се надевам дека барем малку ќе допре текстов!

Дарко Стојчов

Сподели: