Две години од големите пожари во Кочани – извлековме ли некаква поука?  

Се уште се свежи сеќавањата на кочанчани од пред две години кога на Илинден 2021 год. голем пожар го зафати градот и се закануваше да го проголта западниот дел на Кочани.

Мирното и празнично попладне се претвори во пеколна борба против огнената стихија. Првата дојава за пожар пристигнува во кочанската територијална противпожарна единица на подрачјето на селото Бели. Се интервенира при што во прв миг навидум пожарот беше ставен под контрола.

Силниот ветар со променлив правец повторно го разгоре огнот, па преку Белскиот рид „Сламерник“, огнената стихија се префрли до првите куќи во Белското маало, Драчевик, Бејрут се до селотото Тркање.

Борбата со огнената стихија траеше цела вечер. Територијални противпожарни единици од регионот, Армијата на Македонија и месното население успеаа да го стават под контрола и целосно да го ликвидираат во раните утрински часови. Под закана на оган беа семејни куќи, објекти,фарми, нафтен склад, земојделски површини и сл.

Штетите од пожарот беа огромни, како на шумскиот фонд така и на семејни куќи, помошни простории и фарми. Во меѓувреме ново жариште на пожар се отвора и во планинското село Костин Дол, но интервенцијата за гаснење на тој пожар остана за наредниот ден и истиот се гасеше од воздух со хеликоптер на Армијата на Македонија.

До ден денес не се знаат вистинските причини и причинители за пожарот што беснееше тој Илинден во кочанската општина.

Извлекоа ли поука надлежните од пожарите на Илинден 2021 –та?

Големите пожари во Кочани во 2021 година беа причина да се размислува во повеќе правци, особено во делот на противпожарната заштита на населението.

Како резултат на пожарите, кон крајот на август, група на ентузијасти го формираа Доброволното противпожарно друштво – Кочани. За две години од постоењето доброволното друштво на база на волонтеризам успеа да се наметне и да биде препознаено кај граѓаните, стопанствениците, локалната самоуправа во Кочани и поширокиот регион. Брои 50-тина доброволци од кои 25 активни во интервентната единица.

Преку донации набавија заштитна и работна опрема, две авто цистерни и едно возило за технички интервецнии, опремија објект, гаража и сл. Активно работат во полето на нивното делување, но и како поддршка на други институции, настани  и хуманитарен активизам.

За редовната Територијалната противпожарна единица – Кочани последните две години преку донација обезбедени се две нови теренски „пикап“ возила за гасење на пожар на отворено и опрема што во делот на материјалните средства солидно е опремена.

Сепак, големите пожари во Кочани 2021 год. по се изгледа не беа доволни да се размислува на проширување на човечкот потенцијал во противпожарната единица. Кочанската пожарна во моментот брои 16 пожарникари. Бројката не е ни 50 отсто од законски предвидениот број кој изнесува 32 пожарникари плус командир на единицата. Старосната граница на пожарникарите  во просек е 49 години,  последното вработување на пожарникар – спасител во кочанската територијална единица е пред 7 години, а според достапната статистика во наредните 5 години, дури седум пожарникари заминуваат во пензија, а засега не станува збор за нови вработувања.

Работат во четири смени по четворица пожарникари, а опслужуваат повеќе од 35 илјади жители во Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево.

Просечната старост на противпожарните цистерни е 25 години, последното добиено навално возило е пред десетина години, а просечната старост на „пикап“ теренските возила опремени со пумпи за гаснење пожар е три години.

Во делот на градската инфраструктура, во функција е хидрантската мрежа поставена најголем дел во централното градско подрачје. Потреба од поставување на хидранти има и во високата зона на градот, за во случај на интервенција како што беа пожарите во 2021 год. возилата да имаат поблизок извор на вода за полнење на цистерните. Изостанува и создавањето на заштитен појас од земјени патишта на ризични места околу градот Кочани кои би служеле како препрека пожарот потешко да влезе во градските средини, но и полесно движење на противпожарните возила.

Територијалната противпожарна единица – Кочани освен во градот Кочани, интервенира и во соседните општини, Зрновци и Чешиново – Облешево. Иако најголем дел од полските пожари се случуваат во соседните општини, локалните самоуправи на споменатите општини не изнајдоа начин преку нивните Буџети финансиски да ја поддржат работата на кочанските пожарникари.

Во Општина Чешиново  – Облешево каде ТППЕ – Кочани бележи највеќе интервенции на отворен простор дури нема ни општински хидрант од каде пожарникарите ќе може да ги полнат возилата кога интервенираат на територија на општината.

Принудени се да се враќаат до Индустриската зона во Кочани и да полнат вода на хидрантот на КЈП „Водовод“ или пак да „просат“ вода од стопански објекти кои поседуваат хидрант.

Нека денешниот коментар биде потсетување на катастрофата што го зафати Кочани на Илинден пред две години. Нека биде потсетување и до државниот и локален систем за противпожарна заштита да се реагира и превенира навреме. Да не чекаме да се повтори 2021 год., ќе биде доцна.

И. Матеничарски

Сподели: