Во очајна состојба се наоѓа возниот парк на Општата болница со проширена дејност – Кочани, откако најголем дел од возилата за транспорт на болни не се во исправна состојба.
Кочанската итна медицинска помош според наши информации во моментот располага само со едно возило „Тојота“ за транспорт на болни во легната положба кое е во функција од вчера. Претходно две седмици кочанската болница немаше возило за транспорт на болни во легната положба па за таа намена се користеа две теренски од марката „Лада“ и „Дачија“,
Ваквите информации кои стигнаа до интернет – порталот „Гласно“ се обидовме да ги потврдиме преку е-маил комуникација со менаџментот на Општата болница со проширена дејност – Кочани, но оттаму не не удостоија со одговор на поставените прашања.
Имено, двете комби – возила од марката „Рено Трафик“ веќе подолг период не се во функција. Надвор од употреба се и двете патнички „Дачии“ кои се приспособливи за транспорт на болни во легната положба.Слична е и состојбата со останатите патнички возила за превоз на болнички персонал и пациенти, познати како „Пикап“.
Според наши информации проблемот во одржувањето се лоцира кај сервисерот кој е избран на тендер. Станува збор за штипска фирма која нередовно ги сервисира возилата при што моментално кочанската општа болница е оставена со само едно возило за транспорт на болни во легната положба кое е старо повеќе од 20 години. Според наши информации се прават напори што е можно побрзо во фунцкија да биде ставено возилото „Рено Трафик“ за превоз на пациенти.

Недостатокот на опертивни возила сериозно го загрозува здравјето на пациентите, особено што возилата се користат за транспорт на итни пациенти и превоз до клиничките центри низ државата.
И. Матеничарски