Две интервенции на пожарникарите за новогодишната ноќ, релативно мирно за останатите дежурни служби

За време на новогодишната ноќ кочанските пожарникари имале најмногу работа и интервенирале во гасење на два пожари на подрачјето на Кочани и Чешиново-Облешево, додека останатите дежурни служби регистрирале релативно мирна новогодишна ноќ.

Според информациите од командирот на Територијалнта протвипожарна единица Кочани, Благој Паунов, во периодот од 2 до 4 ч. по полноќ, кочанските пожарникари со поддршка на пожарникарите-доброволци од Доброволното противпожарно друштво успешно интервенирале на запален оџак на куќа во Кочани и на помошна просторија во објект во с. Теранци.

Директорот на Општата болница со проширена дејност – Кочани, Д-р Александар Серафимов за интернет-порталот „Гласно“ информираше дека во текот на новогодишната ноќ на дежурната служба на Итната медицинска помош се извршени 25 интервенции.  Станува збор за алкохолизиран брачен пар кој побарал помош во болницата, една хирушка интервенција, а останатите интервенции не се поврзани со новогодишната ноќ. На Акушерското одделение при Општата болница – Кочани во текот на ноќта немало породување и Кочани се уште го очекува првото новороденче во 2022 година.

Кочанските полицајци имале релативно мирна новогодишна ноќ, а дежурната служба регистрирала изолирани случаи на нарушувања на јавниот ред и мир, но ноќта поминала  вообичаено и мирно.

Утрово во обилколка на дежурните служби беше и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој одблизу се информираше за работата на службите во текот на новогодишната ноќ.

-Денеска на првиот ден од Новата 2022 година, имав можност да ја посетам Полициската станица и Територијалната противпожарна единица и да констатираме дека Новогодишната ноќ поминала во релативно мирна атмосфера, со мал број на интервенции и од помал обем. Очекувам дека релативно добрата состојба на првата новогодишна ноќ ќе не прати и во текот на целата 2022 година и надлежните служби ќе имаат помалку работа од оперативен карактер, a повеќе да работат во делот на превентивна мобилна функција во служба на граѓаните, истака при посетата Папазов.

И. Матеничарски

Сподели: