Две кандидатури за градоначалник и пет советнички листи на локалните избори во Кочани

Двајца кандидати за градоначалник на Кочани и пет советнички листи е понудата за гласачите на претстојните локални избори закажани за средината на октомври.

Во трката за прв човек на Кочани веќе познато ќе влезе актуелниот градоначалник на Кочани, Николчо Илијев, како кандидат од СДСМ и коалицијата и Љупчо Папазов, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

На претстојните избори ќе се претстават и пет советнички листи, и тоа очекувано од  двете најголеми политички партии, СДСМ и коалицијата чиј носител е Д-р Томе Солевски, а од ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициони партнери листата ќе ја предводи  Кристина Атанасова Арсова.

До Општинската изборна комисија – Кочани поднесени се и кандидатски листи за советници од коалицијата ДОМ И ЛДП со носител Тоше Михајлов и партијата Левица со носител  Жаклина Филипова Свеќаровска. Единствената независна советничка листа поддржана од група избирачи е листата на носителот Венко Крстевски.

-ОИК по приемот на листата на кандидати, утврдува дали истата е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. ОИК проверува дали кандидатите за градоначалник ги исполнуваат условите предвидени од Изборниот законик, преку проверка на податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции, истакна Билјана Димовска Гичева, претседател на Општинската изборна комисија – Кочани.

Според добиените податоци од регистрите и евиденциите на надлежните институции, доколку Општинската изборна комисија утврди дека листата е поднесена во определениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик истата ќе ја потврди.

Според роковникот, Општинските изборни комисии по потврдување, листите на кандидати ги доставува до ДИК заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати. Листа на кандидат за градоначалник, односно листа на кандидати за членови на совет, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини и градот Скопје. Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите општини и градот Скопје, a во општината односно градот Скопје каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.

Листите на кандидати предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно градот Скопје, имаат ист реден број. Општинската изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја огласи најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите во сите населени места и на избирачките места во општината.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: