Движењето „Одлучно за промени” на ЛДП и ДОМ одржа трибина во Кочани

Движењето „Одлучно за промени” на овие локални избори нуди советнички листи на кои покрај партиските членови се наоѓаат и кандидати без членски книшки, но со интегритет да работат за заедничките интереси на сите граѓани.

Претседателот на ЛДП, Горан Милески нагласи дека кон нивната иницијатива се придружиле голем број граѓански активисти, независни луѓе, кои ја сакаат својата општина и државата, со што Движењето добило поширок граѓански карактер. Со тоа на гласачите им се нуди избор, наместо да гласаат црно-бело.

– Одлучивме да им дадеме можност на сите кои не сакаат партиска книшка, а имаат иницијатива, желба и способност кон подобро да ги променат работите во општеството. Токму за Советот на Општина Кочани нудиме чесни и кандидати со авторитет, кои ја имаат довербата и ќе го чуваат интересот на граѓаните, наместо да влегуваат само за да го земат паушалот. Двете големи партии, со својата реторика настапуваат како ова да се парламентарни избори и се одлучува кој ќе дојде на власт, а ние зборуваме за реалните проблеми на локално ниво, кој и како ќе ги решава. Сакаме да водиме здрава политика на инфраструктура, каде што граѓанинот ќе биде на прво место, да ги дигитализираме општините и луѓето од дома да можат да ги добиваат потребните услуги., наместо да чекаат во редици пред шалтерите, истакна Милески.

На трибината во Кочани беше претставена и кандидатската листа за советници, при што се направи и промоција на приоритетните определби со кои се бара довербата од граѓаните. Тие се насочени кон здравата животна средина и детектирање на сите загадувачи, ревегетација на опожарените површини, затворање на дивите депонии, и засилена контрола на испуштањето отпадни води, како и навремено третирање против комарците, развој на образовен и еко туризам и поширока соработка со граѓанскиот сектор.

Сподели:
  •  
  •  
  •