Движењето „Одлучно за промени“ на прес-конференција промовираше проекти во областа на екологијата

Драги пријатели, почитувани сограѓани!
Движењето „ОДЛУЧНО ЗА ПРОМЕНИ“ промовирајќи се како „Зелена“ коалиција посебно внимание ќе обрати на следниве горливи теми:

  1. Здрава животна средина
    Најпрвин ќе ги ангажираме сите релевантни фактори да ги детектираат сите загадувачи, како на воздухот така и на почвата и водата. Во овие активности ќе бидат вклучени и консултирани и еко активистите, како и сите граѓани кои се заинтересирани да помогнат во обезбедување на здрава животна средина. Откако ќе биде изработен регистар на загадувачите, тие ќе бидат под постојан мониторинг и контрола, а прекршителите веднаш ќе бидат санкционирани, без партиска, роднинска или пријателска пристрасност!
  2. Повеќе зелени површини во урбаните средини
    Општината мора повеќе да ги стимулира граѓаните да ги зголемуваат зелените површини. Затоа, од општинскиот буџет ќе издвоиме средства за садници кои секој заинтересиран жител на Општина Кочани ќе може бесплатно да ги добие и засади во својот двор. Подобро е во 1000 дворови да има по едно дрво за кое сопственикот ќе се грижи и ќе го одгледува, отколку 1000 садници на несоодветно место оставени сами на себе. Веќе имаме повеќе примери на неуспешно пошумување, без разлика дали е промашен видот на дрвцата или локацијата. Тоа не значи дека ќе се откажеме од масовно и организирано пошумување! Тоа на Кочани му е неопходно, особено после големите пожари што го зафатија изминатово лето. Затоа, ќе ги вклучиме сите здруженија и доброволци во ревегетација на опожарените предели, но не по секоја цена. Пошумувањето треба да биде под надзор на искусни и стручни лица со видови кои се автохтони на овие простори и кои брзо растат и се обновуваат. Пред сé, тоа би бил багремот од кои би имале тројна корист. Чист воздух, дрвна маса, и цвет кои многу би им значел на сите пчелари во градот и околината.
  3. Регулирање на коритото на Кочанска Река
    Иако Кочанска река е гордост на секој кочанчанец, евидентно е дека реката сама по себе не може да се одржува и да има лик кој ќе го прави нашиот град уште поубав. Природните процеси како што се ерозијата и акумулацијата се неминовни, но затоа грижата на човекот мора да биде поголема и сето она што го дала природата да се исползува на најдобар начин. Неопходно е ново регулирање на речното корито и симнување на нивото на реката со што би го симнале и нивото на подземните води. Тоа значи поубав и посигурен речен тек, но и голема помош за луѓето што живеат и работат на улиците покрај реката, а чии живеалишта постојано се поплавени.
  4. Затворање на сите диви депонии.
    Дивите депонии и досега постојано се чистеа, но проблемот е во тоа што после чистењето повторно се остава простор за нивно заживување. На критичните места ќе бараме да бидат поставени камери со кои ќе се врши видео надзор а ќе ја зголемиме и контролата од страна на службите со кои располага општината. Исто така, на местата каде што сега се наоѓаат депониите ќе вметнеме нови содржини од најмногу корист ќе има месното население, па така секој жител ќе биде во улога на корисник и одржувач на самите локации.

Движење „Одлучно за промени“ коалиција ЛДП-ДОМ

Сподели: