Двонеделен мир за жителите на Трајаново Трло

Жителите на Трајаново Трло живеат во двонеделен мир во населбата која изминатиов период беше мета на крадци кои безмилосно и со употреба на сила „оперираа“ во домовите на жителите.

Во денешната обиколка на населбата, камерата на интернет-порталот „Гласно“ забележа видно подобрување на безбедносната состојба.  Во разговор со дел од жителите ни беше посочено дека изминативе две недели не се регистрирани  кражби на имотите и се надеваат дека  ваквата состојба ќе продолжи и во иднина.

Од  Одделението за внатрешни работи – Кочани (ОВР-Кочани) за интернет-порталот „Гласно“ информираа дека состојбата будно се следи. Во населбата зголемено е присуството на полицијата со патролни екипи, а поставен е и полициски пункт кај Вила Вонград.

Зголеменото присуство на полицијата барем  засега дава резултати и ја враќа безбедноста и мирот  на жителите на Трајаново Трло.

Жителите на Трајаново Трло преку писмено известување до интернет-порталот „Гласно“  уште еднаш ги повикаа институциите да ги  преземат сите потребни мерки и да ја покажат својата решителност во справувањето со криминалот преку соодветно санкционирање на насилствата, а пред се добивање на епилог за насилниците коишто нанесоа тешки телесни повреди на жителите од населбата.

„За жал сведоци сме на голем број на кривични пријави коишто ОВР- Кочани ги поднесе за жителите на населбата кои беа доведени во ситуација самите да ги бранат сопствените имоти а во исто време сведоци сме дека отсуствуваат кривичи пријави за оние коишто дивееја низ населбата нанесувајќи тешки телесни повреди, ставаа секири на вратот на невини граѓани и се обидоа да прегазат и тепаат секој којшто во тој момент им се нашол на патот. Не сакаме ни да помислиме дека поради одредени причини надлежните органи заземаат страна, што ако е случај секако дека не би донело ништо добро“, стои во писменото известување.

Жителите на Трајаново Трло ја поздравија иницијативата  на советникот Венко Крстевски којшто јавно повика на отворање на дебата за неколку прашања и проблеми коишто многу веројатно дека постојат и чекаат да бидат решени. Жителите ја поздравија и  иницијативата на Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев да ги вклучи сите заинтересирани страни за да преку дијалог со институциите и со граѓаните се утврдат недостатоците и да се преземат конкретни мерки за справување со криминалот, разбојништвата и разбојничките кражби.

Во врска со изградбата на типските куќи за домување на лицата од Старата касарна, жителите на Трајаново Трло ги повикаа советниците во пресрет на утрешната седница на Советот на Општина Кочани, темелно, а не само информативно, ја разгледаат точката на дневен ред и да донесат правилна одлука.

Двонеделниот мир во населбата Трајаново Трло е доказ дека само со граѓански активизам, правилно интитуционално делување и јавни дебати проблемите можат да бидат решени, со надеж дека краткотрајниот мир на жителите на населбата нема да биде затишје пред бура.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: