Двочасовна блокада на булеварот „Тодосија Паунов“, продолжуваат протестите против аерозагадувањето во Кочани

Преку двочасовно блокирање на едната коловозна лента од булеварот „Тодосија Паунов“, во близина на фабриката за хартија „Пејпар Мил“, група граѓани од Кочани продолжуваат со повќедневните протести против аерозагадувањето на воздухот во Кочани.

Одлучи во својата намера да ги пробудат институциите и жителите на Кочани, граѓаните уште еднаш побараа надлежните институции да ја ревидираат А интегрираната дозвола на „Пејпар Мил“, односно да наложат фабриката да работи на метан и да ги почитува одредбите во врска со испуштањето на отпдните води од фабриката.

– Од денеска па до петок, најавуваме блокирање на едната коловозна лента од булеварот „Тодосија Паунов“, во близина на „Пејпар Мил“ во периодот од 16 до 18 ч. Бараме од институциите да го слуша гласот на народот, првенствено бараме да се ревидира издадената А интегрирана еколошка дозвола, фабриката да премине да работи на метан и да ги почитува одредбите од дозволата во делот на испуштањето на отпадни води. Како иницијатива сакаме да анимираме што повеќе луѓе од општината да ни се приклучат. Воздухот го дишеме сите граѓани, не само оние кои денеска и претходните денови протестираат пред фабриката, истакнаа од Иницијативата за чист воздух во Кочани.

Од Иницијативата за чист воздух уште еднаш го најавија големиот протест пред „Пејпар Мил“ кој е закажан за в сабота, 5 март, со почеток од 12:05 ч. и ги повикаа граѓаните масовно да се приклучат на мирниот протест.

Во меѓувреме, од фабриката за хартија „Пејпар Мил“ најавија дека од утре, 3 март го запираат производствениот процес поради реконструкција на електрониката во машинскиот дел и воведување современа технологија.

„Со реконструкцијата ќе се воведе модерна германска технологија во електронската инсталација и ќе се постигне поголема ефикасност во работата. Инвестицијата беше претходно планирана и најавена, а очекуваме целата замена да трае до крајот на овој месец. Додека трае прекинот во производството, ангажманот на вработените ќе продолжи, односно тие ќе помагаат во реконструкцијата и ќе ги земаат редовните плати“, соопштија од фабриката.

Покрај модернизацијата на производствениот процес, во компанијата се работи и на комплетирање на пречистителната станица за отпадни води, за што се инвестирани над 300 илјади евра.

И. Матеничарски

Сподели: