Дебата за зајакнување на капацитетите на младите рурални девојки и жени од Кочани

Денеска во Кочани во рамки на иницијативата за зајакнување на капацитетите на младите рурални девојки и жени со ограничени економски можности се одржа јавна дебата за можностите и економските перспективи на руралните жени.

Во присуство на заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, пратеничката од редовите на СДСМ, Марија Ангелова, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и раководителот на секторот за Рурален развој, Гоце Георгиевски, присутните имаа можност да споделат идеи за потребите, проблемите и можностите, се со цел  имплементирање на идеи во креирањето на локални рурални политики.

Министерот Димковски ја истакна поддршката на министерството за земјоделство во креирањето на политики за зајакнување на позицијата на руралните жени и можноста за нивно активно вклучување.

-Денеска разговараме за се она што во последните неколку години го направивме за руралните жени, креиравме мерка исклучиво за членови на земјоделски стопанства, жени или носители на земјоделски стопанства. Целта е да го поттикнеме и економски да ги зајакнеме нивните позиции во семејството. Ваквите дебати ја покажуваат нивната силна страна во општеството во креирањето на локалните и национални политики. Верувам дека преку денешната дебата ќе произлезат идеи кои во наредниот период  ќе се имплементираат. Дебатираме  за да преземеме чекори и да го зајакнеме домашното производство, бидејки доминантни носители се жените, домаќинки кои ќе ги вметнеме во програмите и со финансиска поддршка ќе ја зајакнеме нивната позиција во руралните средини на живеење, истакна Трајан Димковски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Иницијативата е прва од ваков вид во Македонија и се реализира во општина Кочани. Имплементатор на истата е Ивана Максимова, претседателка на Форумот на жени на ОО СДСМ Кочани.

-Ова е прва иницијатива која се реализира во нашата држава, токму  во предизборниот циклус. Дебатата е единствен начин да се слушнат вистинските потреби на руралните жени и единствен начин да можат истите да се имплементираат во локалните стратегии и одлуки. Иницијативата се реализира три месеци, а предвидено е да заврши на 15 август, со промоција на предлог политика која точно ќе ги нотира сите проблеми на руралните жени и секој збор и мислење кое учесниците ќе го дадат на работилница ќе се  преточи во дела, истакна Наташа Димеска, модератор на работилницата.

Иницијативата „Зајакнување на капацитетите на младите рурални девојки и жени со ограничени економски можности за учество во политики на општина Кочани“ се реализира во рамки на „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и нејзиниот партнер Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) под слоганот:„Чекор кон најдоброто“.

И. Матеничарски

Сподели: