Отчет за сработеното во изминативе три години од мандатот на градоначалникот Николчо Илијев беше темата на денешната Дебата со новинарите, на Споменикот на слободата во Кочани.
Новинари, претставници на локалните и национални медиумски куќи се интересираа за различни теми од секојдневното живеење, со акцент на животната средина, урабанизмот, финансирањето како и туризмот и културата во општината.
Градоначалникот Николчо Илијев во својот говор ги презентираше спроведените проекти од програмата, со посебен осврт на капиталните проекти, како и плановите на Општината за следната 2021 година кога и завршува мандатот на актуелната локална власт.
Илијев одговараше и на новинарските прашања кои особено се однесуваа за аерозагадувањето на Кочани и изградбата на мала хидроцентрала на „Мала река“. Беше речено дека локалната самоуправа во рамки на своите надлежности ги презема сите мерки кои стојат на располагање за решавање на проблемот, а на веб-страницата на Општината јавно ќе бидат објавени сите дописи кои се испратени до надлежните министерства и Државниот инспекторат за животна средина во врска со загадувањето на воздухот и водата, пред се од фабриката „Пејпар Мил“, се со цел да се видат јасните заложби на локалната самоуправа за решавање на проблемот со загадувањто.
За изградбата на Малата хидроцентрала, Општината е ставена пред свршен чин, бидејки инвеститорот ги има сите потребни документи за издавање на градежна дозвола за почеток на изградбата на малата хидроцентрала, со што локалната самоуправа ќе биде приморана да ја издаде дозволата за градба.
Меѓудругото, новинарите се интересираа и за инфраструктурни проекти во централното градско подрачје на Кочани, решавање на проблемот со жителите сместени во Старата касарна, но и влијанието на коронакризата врз финансирањето и буџетот на Општина Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов