Делата од 35. Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски“ изложени пред кочанската публика

Во Фоајето 2 на Центарот за култура „Бели Мугри“ – Кочани вечерва беше отворена изложбата на дела од 35. Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски“ 2021.

На уметничките дела се претставени мотиви од манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ работени во различни сликарски техники претставени на платно.

– Триесет и петтата ликовна колонија од која денес се излагаат двасетина дела-слики и неколку скулптури ситна пластика,се создадени во тешки пандемски услови и строги протоколи со ентузијазмот на 9 ликовни творци и еден скулптор,од кои седум домашни автори и двајца од странство, еден од Украина и еден од Србија. Делата се работени во различни сликарски техники во духот на современите тенденции во сликарството. Ова е трета презентација на делата, по Крива Паланка и Штип со што во овие услови колонијата на скромен начин го одбележува својот 35 годишен јубилеј, истакна Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности во „Бели Мугри“.

Во текот на триесет и пет години постоењето на ликовната колонија на неа учествувале над 350 ликовни творци од сите континенти кои оставиле впечатливи и уникатни дела во манастирската збирка кои го носат печатот и особеностите на културата на земјите од кои доаѓаат уметниците.

Делата од 35. Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски“ ќе бидат изложени за кочанската публика во следните две седмици.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: