По повод Денот на Републиката – Илинден, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов со членови од Советот, делегација од Сојузот на Здружението на борците од НОВ и партиски делегации од Кочани положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата, споменикот на Никола Карев и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.
– Со посебен пиетет се навраќаме кон херојството на востаниците што ја создадоа Крушевската Република и на втемелувачите на слободната македонска држава од Првото заседание на АСНОМ. Славејќи го Илинден – најголемиот македонски празник, годинава одбележуваме 121 година од славното Илинденско востание и 80 години од Првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија. Возвишените илинденски чувства ги чуваат вековните стремежи на Македонија за слободен народ во своја држава и идеалите на илинденците за воспоставување поправедно општество. Илинден нека остане наша водилка кон просперитетна, успешна и напредна Македонија. Нека ни е честит Денот на Републиката и нека ни е вечна Македонија!, стои во честитката на градоначалникот Папазов.