Со полагање на свежо цвеќе пред споменикот на револуционерот Никола Карев во Паркот на револуцијата, партиска делегација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Кочани оддаде почит во рамки на чествувањето на 23 Октомври, Денот на Македонската револуцинерна борба.
Делегацијата беше во состав на кандидатот за градоначалник, Љупчо Папазов, Мирче Стојков, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Марков, потпретседател на ОК и Лазо Митев, актуелен советник.
– Празнувајќи го 23 Октомври, го чествуваме датумот којшто во македонската историја претставува симбол на организираното револуционерно движење за слобода и независност.Силните преродбенички текови во општеството и зголемениот број на млада образована интелигенција во втората половина на 19 век неминовно одеа во прилог на култивирањето на напредни идеи за широко ослободително движење, што кулминираше со формирањето на Македонската револуционерна организација на 23 октомври 1893 година во Солун. Организацијата била масовно поддржана и прифатена од сите слоеви на македонското општество и прераснала во најважен фактор за борбата за конституирање на Македонија како посебна држава.
Идеалите и принципите на историската организација за слобода, правда, еднаквост и независност се втемелени и во современа Македонија и истите се потсетникот за обврската постојано да ги надградуваме и успешно исполнуваме со цел обезбедување на прогресивен развој на државата и просперитетна иднина за сите нејзини граѓани.
Нека е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, истакна Љупчо Папазов, кандидат за градоначалник на Кочани, од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција.