Делницата Крупиште – Кочани од експресниот пат пуштена во употреба

Делницата Крупиште – Кочани, од експресниот пат Штип– Кочани денеска официјално беше пуштена во употреба за сообраќај откако по седум години завршија градежните работи за изградба на експресниот пат што го поврзува истокот со останатиот дел од државата.

На официјалното пуштање во употреба присуствуваше претседателот на Владата на Р. Македонија и премиер Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Ковачевски изрази задоволство од пуштањето во употреба на делницата, истакнувајќи дека со ова е завршена „голема работа“ и им се заблагодари на сите вклучени во изградбата на патниот правец. Тој воедно посака наредната година да има уште многу настани од ваков тип.

Премиерот, меѓу другото, нагласи дека со изградбата на нови патишта се забрзува и олеснува патувањето на граѓаните, но се зголемува и безбедноста во сообраќајот.

Делницата од Крупиште до Кочани е во должина од 13,7 километри и нејзината изведба чинеше 18,2 милиони евра. Вкупната ширина на експресниот пат е 11,4 метри има четири ленти, по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максималната брзина на движење е ограничена на 110 киломтери на час. Новиот експресен пат ќе го скрати патувањето до Штип за дваесетина километри.

Сообраќајот ќе се одвива во времен режим во делот меѓу селото Бања и Кочани, додека целосно не биде поставена сообраќајната сигнализација. Изведувач на градежните работи е кинески „Синохидро“ , а надзор „Патинвест инженеринг“ АД Софија  од Бугарија.

Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што се инвестирани 37,3 милиони евра.

Сподели: