Делницата Крупиште-Кочани од експресниот пат Штип-Кочани се очекува да биде готова напролет

Интензивно и со забрзана динамика се гради втората фаза од експресниот пат Штип- Кочани, делница село Крупиште-Кочани и според очекувањата на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истата ќе биде пуштена во употреба напролет 2022 година.

При денешната обиколка на трасата, градежната механизација на изведувачот „Синохидро“ деноноќно работи на терен, трасата е целосно пробиена и на делови асфалтирана, а во моментот се работи на изградба на планираните надпатници, приклучни патишта и останата пропратна инфраструктура.

„Експресниот пат Штип-Кочани се гради со исклучително добра динамика .Во 2022 година напролет ќе ги затвориме сите отворени прашања во делот на патната инфрастурктура во целиот источен регион“, истакна за МИА, министерот Бочварски.

Делницата Крупиште-Кочани е  со должина од 13,7 километри, а инвестицијата е со вредност од 18,2 милиони евра.

Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што се инвестираат 37,3 милиони евра. Вкупната ширина е 11,4 метри, односно ќе има четири ленти, по две коловозни и две ленти за застанување. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: