Дел од Осоговските Планини прогласени за заштитено подрачје

Владата на вчерашната седница донесе Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје од петта  категорија – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејсажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата.

-Вчера ја добивме убавата вест која ја очекувавме неколку години, работата која траеше и се одвиваше доста долго и по завршувањето на сите процедури, вчера владата на Република Северна Македонија го прогласи Осогово за заштитен предел од петта категорија. Ова значи дека овој регион добива уште една значајна придобивка која во понатамошниот период треба да ги даде новите ефекти во секој поглед и секако во економскиот дел. Процес беше доста долг и оваа прилика ја користам да се заблагодарам на сите вклучени во овој процес кои дадоа придонес и подршка во прогласувањето на дел од Осоговието за заштитено подрачје – рече градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев

Вкупната површина на Заштитен предел – Осоговски Планини изнесува 48.807,16 хектари, a со него ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.

Сподели: