Непотизмот е матрица во владеењето на ДПМНЕ – конкурсите се отворени за сите
(Демант на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ од 21.12.2020 година)
Почитувани медиуми, почитувани сограѓани,
Најостро ги демантирам изнесените невистини на пресот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Кочани.
Очигледно во нивната безидејност и незнаење, а желба за медиумска промоција некој свесно или несвесно ги навел на погрешни податоци.
За мене како јавно избрана личност, законот е над сѐ и пред сѐ и тој мора да важи за сите граѓани подеднакво.
Тие свесно спинуваат, па да ги коригирам: кога е распишан јавен оглас, не се побарува од АВРСМ, туку конкурира секој што ги исполнува условите и сака да ја работи таа работа.
На огласот објавен на 18.11.2020 година конкурираше и мојата сопруга која е дипломиран флејтист на УКИМ со просек 9,34 и стекната педагошко-психолошка и методска подготовка на акредитирана високообразовна установа, завршен втор циклус студии со просек 10, со титула магистер по музички уметности и издаден стручно-научен труд.
Согласно Законот за основно образование предност при избор на кандидати имаат лица со повисоки компетенции (повисок просек, повисока стручна спрема, која можете да ја видите од сликите во прилог, а во интерес на јавноста), па според тоа ги повикувам надлежните инспекторати да направат увид и да ги расчистат сите сомнежи околу изборот.
Впрочем, пред фактите и Боговите молчат.
Во ова е и убавината на демократијата кога јавно и транспарентно може да се разговара за сите одлуки и решенија.
За наша среќа Кочани е мал град во кој сите се знаеме и знаеме кој колку вреди, и не би било умесно да раскажувам колку има одржани концерти, културни настани, новогодишни концерти, рецитали; нема да ги набројувам бројните награди на фестивали и натпревари со ученици; колкаво културно творештво има оставено за овој град и каде сѐ ги има претставувано Кочани и Македонија…
Очигледно е дека за претставниците на ВМРО-ДПМНЕ единствен проблем е што кандидатот е моја сопруга, но нејсе да го потсетам новото раководство дека токму таа беше една од жртвите на режимот која по налог на режимот на ДПМНЕ беше истерана од работа, а по што бројни ваши сопартијци се јавуваа со поддршка, извинување и жалење за таа состојба, посочувајќи со прст кон „наредбодавецот“. Но затоа, „Правдата“ можеби бави, но не заборава.
Почитувани претставници на ОК ВМРО-ДПМНЕ – Кочани, ваше легитимно право е да критикувате, но не и да изнесувате лаги и невистини. Непотизмот е ваша матрица во владеењето. Сепак поради вашето неискуство и непознавање на вистинските проблеми кои ги тиштат граѓаните во ова време на пандемија нема да ви земам за зло и ќе ви посакам многу здравје.
Со почит,
Ѓорѓи Алексов
Член на Совет на Општина Кочани
Кочани 22.12.2020