Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека простувањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите… се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики поклади, меѓу народот познат и како Проштени поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници, како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници, како што се: Тодорова сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
Од утре почнуват и Велигденските пости во чест на воскрението Христово Велигден кој оваа година се празнува на 19-ти април.