„Денови на кочанскиот ориз 2020“ со прикази на традиционална жетва и вршење на гумно

Утре, 3 октомври, со почеток во 10 ч. на нива во кругот на Институтот за ориз, ќе бидат претставени обичаите поврзани со традиционалната жетва на ориз, со што симболично ќе се одржи 29. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.


Обичајот зажнејување ќе го прикажат членови на фолклорниот состав на Здружението на пензионери од Кочани, со почитување на сите мерки за заштита и спречување на ширење на заразата. Во дворот на Институтот за ориз ќе биде прикажан и обичајот вршење на гумно, каде ќе настапи и оркестарот на народни инструменти при Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари.


Повеќедневните содржини од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ годинава се сведени на минимум, со цел да се избегнат масовни собири и опасноста за ширење на Ковид-19, но од друга страна да не се прекине тридеценискиот континуитет на манифестација.


На манифестацијата ќе биде доделена наградата за најдобар оризопроизводител, а присутните ќе ги поздрави и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial