Десет деца од градинката во Кочани во домашна изолација поради позитивна воспитувачка

Десет деца и две воспитувачки во објектот „Цветови“ на детската градинка „Павлина Велјанова“ од Кочани се во домашна изолација. Причина за тоа е позитивниот тест на коронавирусот кај една од воспитувачките на децата од четири и петгодишна возраст, кои ја посетуваат средната група.

Од установата информираа дека изолацијата е превентивна мерка против ширењето на вирусот и засега не се регистрирани нови позитивни случаи меѓу вработените.

– Во градинката најстрого се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, се врши редовна дезинфекција, а изутрината е направена и вонредна дезинфекција во просторијата на средната група, каде што престојуваа дечињата и позитивната воспитувачка. Освен овој случај, и децата и вработените во сите пет објекти на градинката се во добра здравствена состојба, а од понеделник две вработени ќе се вратат на работа, откако им истекува рокот за домашна изолација поради претходен контакт со позитивно лице, истакна Едита Миткова, директорка на градинката „Павлина Велјанова“.

Секојдневнот прием на децата во објектите на градинката се врши во точно определени термини, при што не влез им се мери телесната температура. За сите случаи со сомнителлни симптоми е определена посебна просторија за изолација, по што се информираат родителите.

Во моментот во градинката „Павлина Велјанова“ престојуваат над половина од пријавените 360 деца, иако капацитетот на објектите е скоро двојно поголем.

Сподели: