Детското игралиште во населбата „Тикешински Лозја е едно од седумте нови во Кочани коишто се изградени изминатиов период во градот и во населените места.
Разликата со останатите нови игралишта е што тоа е градено со партнерство на Општината со приватна компанија и е реализирано со донација. На тој начин, на државното земјиште коешто Општина Кочани го отстапи за парк, се создаде убав простор за игра и одмор во населбата Тикешински Лозја.
– На површина од 1 600 м2 е уредено градежно земјиште по проект на Општина Кочани, донација на „Алекс 3“, и е направен парк со детски реквизити и урбана опрема. Просторот го облагородивме со млади садници и цвеќе, хортикултурно го уредивме, а Општината обезбеди наводнување со систем капка по капка. Паркот е осветлен од сите страни, а одржувањето е заедничко со Општина Кочани. Има доволно посетители и се користи не само од станарите што живеат во зградите, туку и од целата населба – соопшти Александар Јосифов, донатор на детското игралиште и сопственик на „Алекс 3“.
Јосифов изрази благодарност до Општина Кочани и до градоначалникот којшто овозможи овој дел од градот да добие урбана димензија, и како што рече, градоначалникот ги препознал потребите на граѓаните и пристапил кон нивно решавање.
Водејќи грижа за најмладите сограѓани, Општина Кочани во изминативе четири години изгради нови детски игралишта: во Трговскиот центар, на улиците „1 Мај“ и „Скопска“ и „Македонска“, во населбата Драчевик, во Грдовци, а редовно ги подновува и одржува и сите постојни.