Дечињата од четирите клона на ДГ „Павлина Велјанова“, вчеравечер во НУЦК „Бели Мугри“ ја реализираа завршната приредба под мотото „Со музика патуваме, светот го истражуваме, пораки убави праќаме и секогаш дома се враќаме“.


Настанот е традицонална завршна приредба на дечињата од детската градинка преку кој се збогуваат со градинката и од наесен официјално го започнуваат нивното основно образование.

На сцената на националната установа настапија над 180 дечиња со нивните воспитувачки претставувајки се преку песна и игра пред публиката.

– Во градинката децата растеа, заедно ги направивме првите чекори, заедно научивме да зборуваме, да броиме, да пееме и да се смееме. Од срце ви благодарам, вам почитувани родители, бидејки вашата поддршка и соработка се неизбежен дел. На вработените во нашата градинка, им изразуваме голема благодарност, преданоста и неуморната работа, истакна Јованка Ефтимова, директорка на ЈОУГД „Павлина Велјанова“ – Кочани.

Од детската градинка на идните првачиња им посакаа успех во нивното понатамошно образование и да пораснат во успешни граѓани на Македонија.
И. Матеничарски