Дејан Манасиев трет во генералниот пласман, втор во својата класа Е1

Трето место во генералниот пласман и второ во својата класа  Е1 до 2000 кубни сантиметри е пласманот на кочанскиот автомобилист Дејан Манасиев на првата од двете  ридско-брзински трки „Пониква 2“, што денеска се возеа на патеката кон „Пониква“.

Патеката долга 5,91км. Манасиев ја помина за 3:41,50 стотинки со што се најде на високото трето место на натпреварувањето од вкупно 29 автомобилисти од Македонија, распоредени во 6 натпреварувачки класи.

Во својата класа Е1 до 2000 кубни сантиметри, Манасиев заостана  за 4 секунди пред првопласираниот Димитриј Кимовски кој патеката ја помина за време од 3:37,34.

Поради мал инцидент со возилото за време на второто возење, Манасиев остана без пласман на втората трка.

Во генералниот пласман на првата трка најдобар резултат постигна  Слободан Трајковски кој со своето возило Zastava Yugo патеката ја помина за 3:34,79 стотинки, додека на второто возење беше за секунда побрз и  извози за време од 3:33.58 стотинки.

Подготвеноста на патеката беше на високо ниво, а се возеше од Градската депонија до месноста „Пашаџиково“, во должина од 5.91км.

Трката беше  во организација на клубовите „Про Спорт“ и АКК„Перформанс“-Скопје, со поддршка на Автомобилистичката федерација на Македонија.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial