ДИЖС наложи „Пејпар Мил“ да работи на гас во спротивно ќе биде казнет

Фабриката „Пејпер Мил“ од Кочани е задолжен од Државниот инспекторат за животна средина да продолжи со работа со тоа што место пелети, како енергенс за загревање на котлите да користи природен гас.

Доколку не го стори тоа, државниот инспектор за животна средина ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот орган или суд, односно кривична постапка пред надлежен орган или суд, како и отпочнување постапка за одземање на добиената дозвола согласно член 200 став (4) од Законот за животната средина.

Ова доаѓа откако на 6 јуни, овој месец од ДИЖС бил извршен вонреден инспекциски надзор во „Пејпер Мил“ и било утврдено дека во фабриката не постапиле согласно задолжението што го добија на 21.10.2021 година. Имено, правниот субјект „Пејпер Мил“ требаше да изврши мерење на параметрите на емисиите од стационарниот оџак во воздух и тоа 3 месеци редоследно, како и да се направат лабораториски анализи за составот на пелетите што се користат како горивно средство во технолошкиот процес.

– Фабриката користи сончогледови пелети како енергенс, а на испуст на котел АА2 беа извршени три мерења (декември 2021 год., февруари и мај 2022 год.) на емисии од емитер од страна на акредитирана лабораторија за животна средина и при сите три мерења има надминување на граничните вредности на емисија  -ГВЕ за еден од наведените параметри во дозволата, а станува збор за ЦО – јаглероден моноксид, за кој согласно дозволата е одобрено емисиите во Испуст на котел АА2 да бидат 500 мг/м3, при што има евидентно отстапување – потенцираат од ДИЖС.

Оттаму нагласуваат дека мерењата се направени од декември 2021 до мај 2022 година, а не во 3 последователни месеци како што се задолжени, поради објективни причини за кои беше известен ДИЖС со два дописи од 24.03 и 06.05.2022 година.

– Според констатацијата во Записникот од 06.06.2022 год. како и според делот во А Интегрираната Еколошка Дозвола е одредено дека ”Доколку на измерените гранични вредности на наведената емисиона точка АА2 согласно табела 6.1.2 во континуитет 3 (три) месеци има надминување на вредностите над пропишаните, се задолжува инсталацијата ПЕЈПЕР МИЛ ДОО Кочани да продолжи со работа со користење на вториот котел каде како енергенс гориво се употребува природен гас, до моментот на решавање на проблемот поради кој се јавило надминување на пропишаните гранични вредности за емисионата точка АА2” и да изврши мерења откако ќе премине на користење на енергенс природен гас на емисии во воздухот со акредитирана лабораторија за животна средина во рок од 30 дена – нагласуваат од Инспекторатот.

Жалбата изјавена против ова Решение не го одлага неговото извршување во смисла на член 208 став (18) од Законот за животната средина.

Сподели: