ДИЖС: Нов инспекциски надзор во „Пејпар Мил“ по пријава на граѓани

Државниот инспекторат за животна средина на 7-ми јули спроведе вонреден инспекциски надзор во Пејпар Мил, за да утврди зошто има видлив чад и повремен мирис од согорувањето на пелети од котелот, на што однеодамна се жалат граѓани што живеат во близина на фабриката. Во текот на надзорот се извршија и мерења на емисиите на прашина и штетни гасови од страна на акредитирана лабораторија, ангажирана од страна на Инспекторатот.

Со надзорот се утврди дека при вградувањето на новата опрема за автоматизација на системот за пречистување и одведување на отпадните гасови – се оштетени делови од вреќастиот филтер.

Пред да се влошат состојбите, акредитираната лабораторија имаше утврдено дека емисиите на прашина, со помош на вреќастиот филтер, се во обем од 8 mg/m3 (што е далеку под дозволената гранична вредност). Инспекторатот даде рок од еден месец за доведување на емисиите во рамките на овие вредности.

Во овој период, Пејпар Мил е задолжена да заврши со набавка на потребните делови за да се спречи загадувањето и поправка на целиот систем, вклучително и на новата автоматика за пречистување и одведување на гасовите. Во меѓувреме функционира водениот филтер (скрубер), а за добивање енергија се користи биомаса и плин.

Доколку со извршените мерења се утврдат надминувања на граничните вредности утврдени со дозволата, Инспекторатот ќе превземе дополнителни мерки.

Државен инспекторат за животна средина

Сподели: