В.д директорот на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, Иван Иванов е избран за претседател на Управниот одбор на Здружението на даватели на комунални услуги на Република Македонија (АДКОМ).
Изборот го направија претставници на комунални претпријатија од државата, на седница што се одржа вчера во Скопје. Иванов е избран едногласно од страна на сите 15 членови на Управниот одбор на здружението.

– Чест и задоволство ми е да ја извршувам функцијата претседател на Управниот одбор на АДКОМ, при што ја користам приликата да се заблагодарам на изборот и поддршката. Одговорноста на позиција носи предизвик да се застапуваат јавните комунални претпријатија и нивните интереси, а на тој начин и да се влијае на подобрувањето на услугите за граѓаните. Пред нас се големи предизвици во работењето и се надевам дека заеднички ќе се избориме да го подигнеме работењето на здружението на едно повисоко ниво, истакна Иван Иванов, в.д директор на „Водовод“ и претседател на УО на АДКОМ.
Здружение на даватели на комунални услуги на Република Македонија (АДКОМ) е невладина и непрофитна организација, која ги здружува Јавните комунални претпријатија во државата.
Здружението ги застапува интереси на комуналните претпријатија, со цел подобрување на условите за работа и спроведување на активности за унапредување на комуналната дејност и подобрување на ефективноста и ефикасноста на работењето на комуналните претпријатија. Преку спроведување на своите програмски активности АДКОМ работи и на подобрување на услугите на корисниците на комунални услуги.
И. Матеничарски

