На свечена седница на Советот на Општина Кочани, вечерва на Споменикот на слободата во рамки на чествувањето на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани, беа доделени највисоките општински награди – за значајно остварување и животно дело, а воедно беше отворено и 57. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.
На свеченоста, претседателот на Советот на Општина Кочани, Томе Солевски им ги врачи наградите на овогодишните добитниците, Наталија Теодосиева-за значајни остварувања и Васил Ангелов за животно дело. Преку краток видео материјал присутните гости се запознаа со делото на двојцата уметници, кои дадоа несебичен придонес во промоција и афирмација на Кочани во полето на културата и уметноста.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, во своето обраќање направи пресек на реализираните проекти во периодот меѓу двата празника, а воедно му додели и посебно признание на Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски за поддршката која несебично ја дава на градот Кочани.
Посебно признание во отсуство беше доделено и на Евроамбасадорот Самуел Жбогар за придонес во развојот на Кочани преку поддршка на проекти од посебна важност за граѓаните, финансирани од Европската унија.
Илијев додели и благодарница на 99-годишниот Ристо Димовски, единствен жив учесник во НОВМ, не само во Кочани, туку и во другите општини во источниот дел на Македонија.
На свеченоста беа врачени и наградите на учениците на генерацијата од основните и средни училишта од општината, а посебна награда за освоено прво место на натпреварот „Лидер на струка“, за лидер на машинска струка беше доделено на Александра Ташкова, ученик во СОУ„ Гошо Викентиев“ Кочани.
По завршување на официјалниот дел на амфитеатарската сцена на Споменикот на слободата, свечено беше отворено и 57. Издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија, со монодрамата „Лидија или се што знам за жените“ на Тихомир Јанчовски.
Уметничкиот дел на настанот беше доверен на ООМУ„Ристо Јуруков“ Кочани.
И.Матеничарски