Во присуство на голем број спортисти, спортски работници, претставници од локалната самоуправа и медиуми во ресторанот „Амор“ се одржа манифестацијата за доделување на признанијата за најуспешните во спортот за 2019 година во Кочани .
Преполната сала и прекрасниот амбиент пропратен со громогласни аплаузи за спортистите, беше добар начин да се уважи нивниот труд во изминатава година.
Признанието за спортист на Кочани за 2019 година го понесе каратистката Мартина Шахинова од карате клубот „Партизан“, плакета која лично и ја врачи градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Членовите на карате клубот „Партизан“ оваа година понесоа дури пет признанија. Поради ова, во категоријата најдобар клуб за 2019 година признание доби КК „Партизан“ , а предводникот Оливер Коцев се закити со плакета за најдобар тренер.
Признанието за најдобар млад спортист му припадна на каратистот Филип Стојанов од КК „Партизан“, додека плакета за најдобар спортски работник доби Драганчо Димитров – Џајка, претседател на судскиот актив при ОФС „Кочани“.
Посебно признание беше доделено и на ГФК „Осогово“ како најдобри во користењето дигитален маркетинг и социјални мрежи.
Покрај ова, плакети и признанија беа доделени на сите спортисти кои оваа година беа во конкуренција.
Изборот на најуспешните спортисти на Кочани за 2019 година го направија новинарите од Кочани, врз основ на спортските успеси на пријавените кандидати во изминатава година.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов








