Доделени признанијата на најдобрите во спортот за 2024 година во Кочани

Во организација на Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани (ОФС-Кочани), а под покровителство на Локалната самоуправа на Кочани, вечерва во НУЦК „Бели мугри“ беа доделени признанијата на најуспешните во спортот за 2024 г. во Кочани.

Во присуство на спортисти и спортски работници беа доделени плакети и признанија во пет категории и тоа, најдобри млади надежни спортисти, тренер, спортски работник, најдобра спортска екипа и најдобар спортист на Кочани за 2024 г.

Признанието Најдобар спортист на Кочани за 2024 годинава го понесе каратистот на Карате клубот  „Партизан“, Филип Стојанов, плакета која лично му ја врачи градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов. Признанија беа врачени и на гимнастичарот, Мартин Андонов од КГС „Кочани“ како второпласиран и на каратистката Наталија Карова од КК „Кочани“ како треттопласирана.

Номинираните спортисти во категоријата Спортист на годината кои поради возрасната категорија не ги исполнуваа условите за кандидат за спортист, а се репрезенти и иднината на спортот во Кочани беа доделени на гимнастичарката Ана Ајтовска од КГС „Кочани“, борачот Филип Ангелов од БК „Спартак“ и каратистите Јован Арсов и Владимир Трајков од КК „Партизан“.

Во категоријата на Најдобра екипа за 2024 година, плакети доби КК „Кочани“ од Кочани, клуб што во  2024 година осови  вкупно 91 медал и 5 учества на Балканско првенство во карате. Наградата ја прими тренерот, Игор Каров.

Признанието Најдобар тренер во 2024 година му припадна на Зоран Сребренов од Боречкиот клуб „Спартак“ од Кочани. Тој е активен член во БК Спартак од 1997 година. Повеќе од 25 години е во борењето. Тој БК „Спартак“ го зеде токму кога беше во згаснување. Во период од 3 години клубот под негово раководство успеа да се врати во првите 5 најдобри во државата.

Најдобар спортски работник во 2024 г. беше прогласен Столе Тошев,од ФК „Младост Тошев“ – Оризари. Тошев е долгогодишен спортски работник кој што во 2014 година ја формира Фудбалската Академија Младост – Тошев од Оризари која работи со млади фудбалери од 2022 година и со сениорска екипа која се натпреварува во Општинската лига Кочани.

Во категоријата Млади надежни спортисти годинава беа доделени признанија на сите 21 пријавени кандидати за постигнати успеси во спортот за минатата година.

Уметничкиот дел на настанот беше доверен на ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани.

Изборот на најуспешните спортисти на Кочани за 2024 година го направи Асоцијацијата на новинари – Кочани, односно по двајца претставници од Телевизија Кочани и Радио Кочани, порталот „Сито“ и регионалната телевизија „М-нет“, врз основ на спортските успеси на пријавените кандидати во изминатава година.

Локалните медиуми, порталите „Комарец“, „Гласно“ и ИПТВ „Канал 8“ не учествуваа во жири комисијата за избор на спортист на Кочани за 2024 г.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: