Доделени признанијата на најуспешните спортисти во 2021 година

На свечена манифестација во ресторанот „Але-Дар“ вечерва во Кочани беа доделени признанијата на најуспешните спортисти во општината во минатата 2021 година.

Во присуство на голем број спортисти, спортски работници и претставници на локалната самоуправа беа доделени плакети и признанија во пет категории, и тоа, најдобари млади надежни спортисти, тренер, спортски работник, најдобра спортски екипа и најдобар спортист на Кочани за 2021.

Признанието Најдобар спортист на Кочани за 2021 годинава го понесе гимнастичарот на КГС „Кочани“, Ристе Симеонов, плакета која лично му ја врачи градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

– Во текот на минатата година, на првиот Државен натпревар го освоив првото место, а исто така и на вториот. Од федерацијата бев избран за најдобар гимнастичар во Македонија, во мојата категорија. Поради пандемијата немавме можност за меѓународни натпревари, но се надевам дека во иднина тоа ќе се промени, па ќе имаме можност да се покажеме на меѓународно ниво. Успехот зад себе има напорни дванаесет години, па сакам да испратам голема благодарност до мојот клуб, а исто така и до мојот тренер Благој Каров, кој има голема заслуга за сето ова и сите членови во клубот и мојата фамилија кој ме поддржуваат сите овие години, истакна Ристе Симеонов, спортист на Кочани за 2021 година.

Во категоријата на Најдобра екипа за 2021 година, плакети доби Џудо-клубот „Гладијатор“ која ја прими Вера Шеќеровска. Екипата на „Гладијатор“ минатата година се покажа како најуспешна со повеќе признанија и учество на натпревари.

Признанието Најдобар тренер во 2021 година му припадна на Александар Андов, стратег на кочанскиот второлигаш „Осогово“.

Посебното признани – Плакета за развој на кошарката во Кочани, постхумно беше доделена на Сашо Лазарев – Чапо, како личност што има дадено особен придонес во развој на кошарката во Кочани, а ја прими неговиот син Дино.

Годинава признанија и благодарници беа доделени на сите пријавени спортисти во категоријата Млад надежен спортист на Кочани, како мотивација на пријавените за уште поголеми успеси и нивен професионален развој.

Изборот на најуспешните спортисти на Кочани за 2021 година го направи Асоцијацијата на новинари – Кочани, врз основ на спортските успеси на пријавените кандидати во изминатава година.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: