Дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски на средба со земјоделците од Кочанско

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска беше во посета на Кочани каде оствари средба со земјоделците од кочанскиот регион.

На средбата на која присуствуваа оризопроизводители, риболовци, ловци и пчелари беа презентирани програмските определби на ВМРО-ДПМНЕ  за унапредување на земјодеството во државата.

– Она што може да го констатирам од досегашните средби во овие региони е дека имаме сериозни проблеми од типот на водостопанството кое е нефункционално, земјишната политика и неисплатените субвенции. Практично она што требаше власта изминативе 7 години да го спроведе и да го подобри македонското земјоделство имаме ситуација каде гледаме дека од ден на ден е се полошо. Сакам да упатам порака дека за месец и половина од денеска ќе завршат изборите и она што го има ВМРО-ДПМНЕ како сериозен план и програмски определби ќе се реализира, а тоа значи враќање на македонскто земјоделство и достоинството на земјоделецот, истакна дополнителниот заменик министер Трипуновски.

Министерот додаде дека има сериозно намалување на површините под оризова култура, доцнење на водата во нивите, намален принос и пласман.

Поради тоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието донесе заклучок да се преземат сите неопходни мерки, да се поминат сите собраниски филтри со кои се предвидува оризот да се стави на листата на производи за создавање стокови резерви. Со ова Агенцијата за стокови резерви ќе може да работи со оризот како со другите култури и ќе овозможи пазарните вишоци да бидат откупени од страна на државата. Преку ова ќе имаме зголемен откуп и реални пазарни цени на оризот.

И. Матеничарски

Сподели: