Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски во посета на Кочани

Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, м-р Стефан Андоновски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска беше во посета на Кочани.

На прес-конференцијата пред зградата на локалната самоуправа во Кочани беа истакнати заложбите на министерството за создавање на ефикасна јавна администрација преку услуги кои ќе бидат дигитализирани, брзи и ефикасни.

– За нас многу важни се два клучни аспекти, процесот на градење на достоинствена, ефикасна јавна администрација којашто ќе ги ужива сите права на работењето, но и што ќе нуди услуги на граѓаните коишто се брзи и нема да бидат обременети од корупција, непотизам и клиентелизам. Вториот аспект којшто е многу важен е процесот на дигитализација. Го гледаме како лек за корупцијата, поголема ефикасност на услугите, достапност, привлекување на нови странски и домашни инвестиции и за олеснување на процесот за дигитализација. Драго ми е што општина Кочани има одлични идеи и концепти каде треба да се развива процесот на дигитализација на општините. Знаеме дека во последните 6 години тој процес е запрен. Многу малку услуги се дигитализирани, но имаме желба, план и амбиции тоа да го направиме во периодот што следи, соопшти заменик министерот Андоновски.

Тој додаде дека во програмата на ВМРО –ДПМНЕ  е предвидено воведување специјални регистарски ознаки на државните автомобили на службените автомобили со кои ќе се спречат злоупотребите на истите за приватни и партиски цели.

– Знаеме дека во изминативе години службени автомобили беа гледани како се користат за време на викенд или надвор од државата и за сето тоа немаше одговорност. За да го спречиме тоа сакаме да воведеме специјална боја на регистарските ознаки на службените автомобили, точно ќе се знае кој автомобил каде се наоѓа и дали некој го употребува или злоупутребува. Со тоа би вовеле и задолжителен регистар на автомобили во државна сопственост и ќе се знае кој автомобил во која институтицја е распореден. Сакаме да ставиме крај на злоупотребите и ова е важен чекор, додаде Андоновски.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов истакна надеж дека идеите и размислувањата на локалната самоуправа за подобра јавна администрација ќе добијат поддршка од страна на ресорното министерство.

– Со министерот разменивме мислења и идеи на теми кои ги засегаат администрацијата и гаѓаните. Се надеваме дека од она што ќе произлезе од средбата ќе имаме сериозна поддршка во делот на унапредување на работата на општинската администрација и дигитализацијата во функционирањето на службите во состав на општините, истакна градоначалникот Папазов.

И. Матеничарски

Сподели: