Доцни изградбата на модуларната монтажна болница за нега на ковид пациенти во Кочани што Министерството за здравство ја најави уште во месец јули.
Со поставувањето на монтажната болница во кругот на Општата болница во Кочани требаше да се обезбедни соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на Ковид-19, без притоа да се компромитира редовното работење на болницата како и здравјето на другите пациенти.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев во изјава за интернет-порталот „Гласно“ информираше дека нема нови моменти во врска со поставуавњето на модуларната болница во Кочани. Општината е подготвена во секој момент да почне со изработката на платформа со приклучоци за струја, вода и канализација, за што се обезбедени средства од локалниот буџет, но се уште се чека на потпишување на договорот со Министерството за здравство.
Општина Кочани ја презема обврската за изградба на платформа со приклучоци, за што со измена на годишниот план за јавни набавки веќе се предвидени средства со проценета вредност на договорот од 3.389.800 денари, додека поставувањето и изградбата на модуларната монтажна болница со сите потребни елементи и медицински апарати е на финансиски терет на Министерството за здравство.
Сепак, се додека и официјално не се потпише договорот со Министерството за здравство, Општина Кочани нема да отпочне со изградбата на платформата, се со цел парите кои се предвидени да не се потрошат во нешто, за што се уште нема официјално потпишан договор за изградба.
Есенскиот бран од пандемијата со КОВИД-19 зема се поголем замав, капацитетите на интерното одделение во Општата болница во Кочани се преполовени и пренаменети за нега на ковид пациенти , а се размислува и на обезбедување на дополнителни легла.
Кочанската болница е регионален центар на Истокот кон која мигрираат и пациенти од соседните општини, а напливот на ковид пациенти и намалувањето на капацитетите заради згрижување на истите може значително да влијае на нормалното функционирање на одделенијата и болницата во Кочани. Токму поради овие причини и Министерството за здравство уште во месец јули го најави поставување на модуларната монтажна болница во Кочани , но за жал, за нејзина изградба се уште се чека.
И. Матеничарски