Доброволното противпожарно друштво – Кочани ја започна имплементацијата на шестмесечниот проект „Млади волонтери за сигурна животна средина“ финансиран од УНДП и Општина Кочани.

На прес – конференцијата за медиумите, од кочанското доброволно противпожарно друштво инфомираа дека проектот има за цел активирање на младите лица од општината преку добивање на соодветна обука за противпожарна заштита, прва помош и еколошки активности.

– Проектот го реализираме во соработка со Тертиторијалната противпожарна единица – Кочани, Општинскиот Црвен крст и двете средни училишта, СОУ „Гошо Викентиев“ и „Љупчо Сантов“. Првенствено во рамки на училиштата ќе биде објавен конкурс за избор на ученици кои ќе саакаат да се вклучат во активностите на проектот. Потоа следуваат обуки кои ќе бидат од теоретски и практичен дел, а ќе бидат спроведувани од ДПД – Кочани, ТППЕ – Кочани и Црвениот крст. Акцент ќе се стави на противпожарната заштита, гасење на пожар, превенција и запознавање со техничките средства и во делот на првата помош во случај на повреда. Во рамки на проектот планирани се и еколошки акции за расчистување на околината на Пониква, на Осоговските Планини како и поставување на информативни табли, соопшти Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Проектот „Млади волонтери за сигурна животна средина“ е првенче на Доброволното противпожарно друштво – Кочани во рамки на своите активности насочени пред се кон противпожарната заштита, но и екологијата и хуманитарната дејност.

Како крајна цел на проектот по поминување на шестмесечниот период на едукација, да се организира натпревар помеѓу учениците од двете средни училишта заради утврдување на знаењата кои ќе ги стекнат за времетрање на теоретскиот и практичен дел. Проектот има за цел и регрутирање на нови волонтери во Доброволното противпожарно друштво и доближување на пожарникарската професија до младата популација.