ДПД – Кочани го прослави третиот роденден – екипата на Петроварадин победник на Меѓународниот противпожарен натпревар „Кочани“ 2024   

Екипата на Доброволното противпожарно друштво Петроварадин, Нови Сад од Р. Србија е победник на Меѓународниот противпожарен натпревар „Кочани 2024“ што по повод тригодишнината од формирањето на Доброволното противпожарно друштво – Кочани денеска се реализираше во Градскиот парк.

На натпреварот во сениорска конкуренција настапија пожарникари од седум доброволни друштва, од Р. Македонија (ДПД Архангел Битола и ОКТА Скопје),  Р. Бугарија ( ТЕРЕЗ и АРЕЗ од Софија), Р. Србија ( ДПД Сингелиќ во машка и женска конкуренција од Ниш и ДПД – Петроварадин од Нови Сад) и Р. Словенија (ДПД- Рогошка Слатина).

Пожарникарите се натпреваруваа на четири противпожарни полигони, од кои три лоцирани во централното градско подрачје на претходно зададени сценарија и едно во кругот на Територијалната противпожарна единица во Кочани.

Првото место и најдобар резултат освоија ДПД – Петровардин, Нови Сад, Р. Србија (09:02), второпласирана беше екипата на ДПД Рогошка Слатина, Р. Словенија (09:12), и треттото место и припадна на противпожарната екипа од  Рафинерија ОКТА, Р. Македонија (10:47). Во женска конкуренција првото место и припадна на женската екипа на ДПД – Сингелиќ од Ниш.

Во рамки на натпреварот беа организирани и детски противпожарни игри за петтоодделенците од основните училишта од Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.

Настанот беше збогатен со културно – уметничка програма со настап на децата од Детската градинка „Павлина Велјанова“ – Кочани.

Настанот имаше за цел јавноста и граѓаните одблиску да се запознаат со работата на пожарникарите, нивна промоција и презентација на пожарникарската професија и воедно одбележување на тригодишнината од формирањето на ДПД – Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: