Доброволното противпожарно друштво – Кочани набави противпожарно возило, наменето за гаснење на шумски пожари како донација од компанијата Антура Македонија по повод десетгодишниот јубилеј од постоењето на фабриката во Кочани.
Станува збор за половно возило специјализирано за гаснење на шумски пожари набавено од Р. Белгија. Теренец марка „МАН“ со погон на сите тркала, носивост на вода од 4 тона, превезува 4 пожарникари, двајца во внатрешноста на камионот и двајца надвор во посебна одделена кабина кои може да делуваат во даден момент. Вредноста на донацијата е околу 25 илјади евра.
– По поминати повеќе од 5.000 километри, низ шест држави и шест денови патување, еве нё дома со ново противпожарно возило. Најпрвин сакам да се заблагодарам на колегите кои беа со мене и на колегите кои ни приредија прекрасен дочек. Сето ова немаше да биде реалност без компанијата „Антура” и менаџерскиот тим. Морам да кажам дека за една недела по првичниот состанок успеаа да го организираат целиот гранспорт и да ги подмират трошоците Сакам да се заблагодарам и на Локалната самоуправа — Кочани бидејќи ни отстапи едно од службените возила со кое заминавме на пат за Белгија. Во однос на возилото, станува збор за специјализирано возило за гасење шумски пожари, теренец со погон на сите четири тркала, со носивост на вода од 4 тони и екипаж од четири пожарникари, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Синоќа во кругот на Територијалната противпожарна единица возилото пристигна директно од Р. Белгија каде претходно членови на ДПД-Кочани ги завршија потребните формалности за да го донесат во Македонија. Традиционално, членовите на ДПД- Кочани со воден мост го пречекаа новото возило и своите колеги.
Во моментот ДПД – Кочани располага со пет возила од кои едно комби возило, навален камион и пратечка цистерна за гаснење на пожари како и АТВ четирицикл што од скоро е дел од возениот парк на доброволните пожарникари.
– Чест и задоволство ни е што вечерва сме претставници на општествено одговорната компанија како што е Антура. Среќи сме што овој настан се поклопува со одбележувањето на десетгодишнината од постоењето на нашата компанија во Кочани. Се надеваме дека дадовме голем придонес на Доброволното противпожарно друштво од Кочани за да можат полесно да се справуваат со елементарните непогоди на коишто периодов и самите сме сведоци, истакна Христина Јорданова од Антура Македонија.
Доборволното противпожарно друштво – Кочани во средината на месец септември одбележува тригодишнина од своето постоење за што веќе се подготвува пригодна програма.
И. Матеничарски