Младинската екипа на ГФК „Осогово“ е победник на 17. издание на Меморијалниот турнир „Драганица Куп “ 2023 год. што се одржа денеска на терените на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани.
Покрај домаќинот и организатор на турнирот „Осогово“, на турнирот настапија младински екипи и фудбалери до 16 години на ФК „Слога 1934“ – Виница и „Каменица Саса“ – Македонска Каменица.
Се одиграа три средби по 45 минути според италијански систем на натпреварување. „Осогово“ ја совлада екипата на „Каменица Саса“ со резултат од 2-1. „Слога 1934“ Виница одигра нерешен дуел со „Каменица Саса“ 0 -0, додека пак „Осогово“ со 1-0 ја совлада „Слога 1934“. Согласно системот на натпреварување „Осогово“ го освои првото место, второпласирана беше екипата на „Каменица Саса“, а по неа фудбалерите на „Слога 1934“ – Виница.
За најдобар играч на турнирот беше прогласен Дарко Петров од „Осогово“, најдобар стрелец – Дејвид Иванов од „Осогово“ и најдобар голман – Методи Димитровски, од „Каменица Саса“.
Најдобрите на турнирот добија пригодни награди од страна на организаторот, а беа доделени благодарници и на поддржувачи на спортскиот настан.
Меморијалниот фудбалски турнир се одржува од 2007 година во чест на една од најголемите кочански фудбалски легенди, Драган Михајлов – Драганица.
Фудбалскиот турнир се одржа под покровителство на Општина Кочани.
Во пресрет на Меморијалниот турнир „Драганица Куп“ 2023, ЗГ „Никола Мантов“ донираше нови ракавици за голманите на младинскиот тим на „Осогово“.
И. Матеничарски