Дрворедите во Кочани – под стручен надзор на КЈП „Водовод“

На 8 февруари во пладневните часови, во Градскиот парк во Кочани под ударот на силен ветар се скрши врба од дрворедот покрај Кочанска Река. Од падот на дрвото се оштетени реквизити од детското игралиште, а за среќа – повредени нема. Со интервенција на дежурните пожарникари од Територијалната единица, искршените делови од дрвото се отстранети.  

Градоначалникот Николчо Илијев смета дека овој настан е уште еден показател дека  дел од дрвјата можат да бидат сериозна опасност по безбедноста на граѓаните.

–  Дрворедите мора да бидат под постојан стручен надзор од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“. Нивното обновување е неодминливо. Сведоци сме на граѓански реакции кога станува збор за кастрење или за отстранување на суви и стари дрвја, но факт е дека тие не се секогаш оправдани, токму поради можноста дрвјата да бидат опасни по животот на минувачите. Затоа неопходно е едновремено да се работи на увиди, уредување и подновување на дрворедите во градот и во населените места – истакна Илијев.

Поттикнати од овој случај, но и поради најавите за невреме во наредните денови, службите на КЈП „Водовод“ утрово ги режеа дрвјата чиишто крошни се надвиснати и се закануваат на безбедноста во сообраќајот на неколку улици во Кочани.

Уредувањето на дрворедите во централното градско подрачје ќе придонесе и за подобрување на функционалноста и безбедноста на пешачките зони, кои на одредени места поради испакнатите површинските корени се  целосно непроодни.

Сподели: