Државниот инспекторат за животна средина ги повикува граѓаните да пријавуваат загадување, најавуваат поголема ефикасност

Граѓаните ќе можат да пријавуваат загадувачи до Државниот инспекторат за животна средина. За таа цел е изработена  платформата „Пријави загадување во два чекори”, преку која поплаките од граѓаните ќе стигнуваат на едно место. Со тоа ќе бидат поефикасно распределени до надлежните инспектори, полесно ќе се следат случаите на загадување и подобро ќе се координираат инспекторите при извршување на задачите.

„За да бидат инспекторите поефикасни при решавањето на случаите, граѓаните мора да даваат инструкции. Токму со оваа платформа ќе се подобри соработката на Државниот инспекторат за животна средина со граѓаните и ќе се овозможи подобра координација при инспекцискиот надзор на државно и локално ниво, а со тоа и поголем увид во работата на терен”, рече директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска.

Пријави граѓаните можат да поднесат преку праќање на порака на Фејсбук страната, на електронската адреса prijavi@sei.gov.mk или пак на веб страницата на Инспекторатот www.sei.gov.mk и преку полето Пријави на е-Мапата на загадувачи www.mapanazagaduvaci.mk. Во пријавата потребно е накратко да се опише проблемот, да се наведе локацијата на загадувањето со прикачена слика или видео и да се остави контакт од лицето коешто ја поднесува претставката за да може Инспекторатот да го исконтактира.

Платформата за пријавување загадување е изработена заедно со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри се” и истата е финансирана од Британската амбасада во земјава.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial