ДСЗИ изврши вонреден инспекциски надзор во Модуларната болница во Кочани

Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вонредни инспекциски надзори во 18 модуларни ковид болници низ државата меѓу кои и во болницата во Кочани, со цел утврдување на фактичката состојба и техничката спремност на болницата.

Притоа било констатирано дека не се утврдени недостатоци во модуларната болница во Кочани и истата ги исполнува сите технички услови и капацитети  за работа. Во моментот модуларната болница е затворена бидејки нема зголемена потреба за хоспилтализација на пациенти со Ковид, а пациентите кои се лекуваат во болницата се сместени на дел од Интерното одделение кое е пренаменето во Ковид одделение.

-Минатата недела од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат беше извршен вонреден инспекциски надзор во Модуларната болница во Кочани, при што од нивна страна беше констатирано дека се е во ред. Прегледана беше техничката документација за болницата која им беше дадена на увид на инспекцискиот надзор. Во моментот Модуларната болница во Кочани не е во функција бидејки пациентите со Ковид се згрижуваат во пренаменетото Интерно одделение. Доколку се јави потреба од зголемен број на хоспитализации, болницата во секој момент е спремна да биде ставена во функција со сите човечки и материјални ресурси, но според моменталната ситуација таква потреба засега нема, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница со проширена дејност – Кочани.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека согласно нивните надлежности за сите модуларни болници побарана е информација за капацитетите на болницата со број на болнички соби, болнички кревети, дополнителни простории, моментална исполнетост со број на хоспитализирани пациенти и од кога е во функција модуларната болница, санитарно хигиенска состојба на објектот, увид потврда за извршена ДДД од овластена установа, увид дали се извршени здравствено-хигиенски прегледи на персоналот, увид во делот дали и колку од од персоналот се комплетно вакцинирани, начин на селекција и диспозиција на медицински отпад и договор со овластен оператор кој го подига медицинскиот отпад, број на здравствен и останат персонал кој се грижи за пациентите (лекари, сестри, болничари,хигиеничари), дали постои писмен распоред на дежурства во модуларната болница, дали се почитува забраната за посета на надворешни лица, доколку се затекне било кое лице кое е во посета, задолжитежно да се евидентира во записник, увид во здравствената евиденција која се води во модуларната болница.

Во болницата во Кочани моментално медицински се третираат 15 пациенти со Ковид од кои 9 се хоспитализирани во Ковид одделението од кои шест се на кислородна поддршка. Двајца од хоспитализираните се целосно вакцинирани со две дози на вакцина, информираше директорот на болницата Александар Серафимов. Серафимов додаде дека шест пациенти ја посетуваат дневна болница при што примаат соодветна терапија, а се лекуваат во домашни услови и се со полесна симптоматологија. Во моментот на пренаменетото Интерно одделение има 12 слобни легла.

Во последниот извештај на Министерството за здравство во Кочани регистрирани се 109 активни случаи на заразени со Ковид-19.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: