ЕВН–Македонија ја исклучи струјата и ги исече бандерите во старата касарна – прес конференција на ПДПР

Група граѓани и жители на старата касарна во присуство на првите луѓе на Партијата за демократски просперитет на ромите (ПДПР) попладнево излегоа на мирен собир поради тоа што екипи на ЕВН Македонија во асистенција со полицијата и ја исклучиле електричната енергија и и ги исекле бандерите кои ги снабдувале со струја.

Револтирани се поради исклучувањето на електричната енергија во зимски услови и нехуманите услови во кои дваесетина фамилии живеат во старата касарна.

На прес конференција, претседателот на партијата ПДПР, Аксел Ахмедовски и потпретседателот на партијата и советник во Советот на Општина Кочани, Аки Акиов побараа итно решавање на проблемот со електричната енергија и похумано сместување на жителите од старата касарана.

– Денес сме тука да ја запознаеме пошироката јавност за крајно недемократското односно душманско однесување кон овдешните граѓани, припадници на ромската заедница заради нивното тотално исклучување од електричната мрежа со отстранување на бандерите со тешка механизација и полициска асистенција. Погледнете врз кого власта применува сила, механизација и полиција како да се работи за криминалци од највисок степен, а не луѓе кои живеат на маргините. Направете една позитивна промена, вие имате обврска да им го подобрите животот, доста со покажување на сила и правдина врз најсиромашните. Луѓето трпат и не можат да си ги извршуваат основните потреби. Од тука го повикуваме градоначалникот и пратеник да излезат на терен, да видат во каква мизерија живеат луѓето и да им понудите поквалитетен живот бидејки тоа го ветивте  пред изборите, истакна Ахмедовски.

Притоа додаде дека како партија и  нивниот советник во Советот на Општина Кочани, Аки Акиов ќе се побара одржување на вонредна седница на Советот на Општина Кочани за решавање на настанатиот проблем.

– Како советник планирам да побарам одржување на вонредна седница на Советот на Кочани со единствена точка за решавање на проблемот со електричната енергија.  Воедно бараме да добиеме одговор до каде е документацијата за изградба на т.н типски куќи за сместување на семејствата од старата касарна во похумани услови за живот, соопшти Акиов.

Жителите побараа повторно вклучување на електричната енергија и договор со снабдувачот на енергија да им излезе во пресрет за исплата на заостанатите сметки за струја и нивно редовно плаќање.

И. Матеничарски

Сподели: