Единствениот часовничар во градот четири децении ги поправа часовниците на кочанчани, занаетот е пред изумирање, работа има, ама сè помалку

Повеќе од четири децении, пензионираниот часовничар Јован Зафиров во својот препознатлив портокалов киоск, наспроти некогашниот хотел „Турист“ ги поправа часовниците на неколку генерации кочанчанчани.  

Во сега единствениот часовничарски дуќан во градот, низ вештите раце на чичко Јован поминале безброј часовници, и тој самиот, со својот занает успеал да оживее голем број часовници што мереле нечие време.

– Целиот свој работен век до пензија, но и по неа, повеќе од 42 години работам како часовничар. Занаетот го учев три години во Велес, кај познати мајстори – часовничари по што отворив свој дуќан овде, во Кочани. Веќе неколку години сум единствен часовничар во градот и регионот, а на оваа локација сум од 1984 година, претходно неколку години работев во дуќан кој се наоѓаше кај сегашната зграда на ЕВН – Македонија, ни кажа чичко Јован.

Муштерии има од целиот регион, од Делчево, Македонска Каменица, Берово, Виница, а највеќе од Кочани. Во денешно време тешко се живее од часовничарство за разлика од минатото, па поради тоа и интересот кај младите за изучување на овој занает е мал.

– Во денешно време сè повеќе се користат електронски часовници и мобилни телефони, механичките часовници се поретки. Работа има, ама сè помалку. Муштериите најчесто доаѓаат за „ситна“ работа, кратење на ремен или промена на батерија. Има и такви кои доаѓаат во дуќанот само за муабет. Часовниците денеска се користат повеќе како моден детал, евтини сè, потешко се поправаат ако се неквалитетни, па и кога ќе се расипат ретко кој ги поправа, рече единствениот часовничар во градот.

Најскапите часовници кои ги поправал вределе по неколку илјади евра, но без разлика на цената, уверен е дека часовниците од минатото се многу поквалитетни од тие што се користат денеска.

За разлика од рачните часовници, будилниците во денешно време не се ни користат, а пак ѕидните часовници ретко кој ги поправа.

– Занаетот пополека изумира и нема кој да го наследи. Нема печалка во него, освен ако правиш трговија со часовници. Во денешно време нема курс за часовничари, а нема ни заинтересираност кај младите за изучување на часовничарството од поискусните, ни сподели Зафиров.

Единствениот часовничар во Кочани го оставивме во својот скромен занаетчиски дуќан да ги доправи започнатите часовници. На заминување ни кажа дека ќе се занимава со часовничарството додека го служи здравје. Со искри во очите и голема возбуда рече дека и по толку години сè уште се радува на секој поправен часовник и задоволен муштерија.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: