Членовите на спортско риболовното здружение „Кочански рибар“ денеска ја реалзираа првата овогодишна акција за порибување на акумулацијата Гратче, при што пуштија 350 килограми крупен крап.
За збогатувањето на рибниот фонд во езерото Здружението инвестираше околу 80 илјади денари од сопствениот буџет, а рибата е набавена од домашен сертифициран репроцентар.
-Се работи за крупни единки крап со тежина до пет килограми, што дополнително ќе го збогатат рибниот фонд во Гратче. Порибувањето е дел од нашите обврски како концесионер, но и за да ја реализираме заложбата на членовите да имаме едно од најбогатите риболовни катчиња во државата. За почетокот на април ќе извршиме второ порибување со клен и попадика, а до крајот на годината планирани се уште четири вакви активности, истакна Димитар Димитров, претседател на риболовното здружение „Кочански рибар“.
Во текот на изминатата зима и пролетва риболовците забележале зголемено присуство на птици корморани, кои не се карактеристични за регионот, при што тие ловат на езерото и нанесуваат голема загуба на рибниот фонд.
Риболовното здружение „Кочански рибар“ викендов ќе биде домаќин на риболовен натпревар со фидер техника, за што се пријавени трисетина учесници од повеќе здруженија во државата.