Екипата на „Златно Зрно“ е победник на 19. издание на Петровденскиот турнир во мал фудбал, по победата од 7 – 4 во финалниот меч против тимот на „Астра казино“.
„Златно Зрно“ до победата дојде по пресврт, откако губеа со резултат од 3-0, успеаа да изедначат на 3-3 на полувреме за на крајот да триумфираат со резултат од 7-4.
Претходно, на повеќенаменското игралиште во дворот на гимназијата „Љупчо Сантов“ се одигра меч за трето место, каде поуспешен беше тимот на „ВЛТ Грдовци“ со победа од 2 – 1 над екипата на „Балкан Лукс“.
На турнирот беа прогласени победниците за прво, второ и трето место, како и најдобар стрелец и голман.
Екипата на „Златно Зрно“ како победник на турнирот доби ваучер од 60 илјади денари, на второпласираниот тим „Астра казино“ беше доделен ваучер од 30 илјади денари, а екипата на „ВЛТ Грдовци“ како третопласирана доби 15 илјади денари.
Наградата за најдобар стрелец на турнирот беше врачена на Ефтим Аксентиев, од тимот на „Балкан Лукс“ со 9 постигнати голови, додека за најдобар голман беше прогласен Драган Митев од екипата на „ВЛТ Грдовци“. На двајцата им беа врачени ваучери во вредност од 6000 денари.
На турнирот благодарница доби ОФС – Кочани како организатор на традиционалната спортската манифестација.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов