Ученици од основните и средни училишта од Кочани, вработени во Локалната самоуправа и претставници од Младинскот центар за граѓанско образование и Младинскиот образовен форум денеска реализираа еколошка акција за чистење на околината на Споменикот на слободата во Кочани. Активноста е во рамки на програмата за Меѓуетничка интеграција во образованието и младинско учество, финансирана од УСАИД Македонија.

Проектот предвидува детектирање на три приоритети за младински активизам, меѓу кои младите од Кочани, за еден од првите приоритети го избраа Споменикот на слободата каде денеска чистеа комунален отпад, а во рамки на активноста поставена е нова урбана опрема, корпи за отпадоци и клупи.


– Денеска реализираме еден од приоритетите коишто младите од Кочани го идентификуваа минатата година. Делот од активностите кои ги реализиравме е поставување на урбана опрема во околината на Споменикот на слободата, финансиски поддржано од УСАИД и Општина Кочани. Целта е да ги вклучиме младите како активни учесници во локалната заедница за да ги подобриме условите за живот на младите и на останатите членови во заедницата, истакна Лијлана Арсова , Советник за образование во Општина Кочани.
Отпадот што беше собран на еколошката акција, младинците го предадоа на КЈП „Водовод“. Целта е разубавување и заживување на Споменикот на слободата како место за младите лица од општината и промоција на младински активизам во заедницата.

Во следниот период, младинците од училиштата продолжуваат со активностите за реализација на останатите два, според нив приоритетни проекти за младите во локалната средина во Кочани.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов
